Од Walmart до Скопје – исти проблеми, различни адреси
На социјалните мрежи кружи едно видео што совршено ја доловува суштината на инфлацијата. Во него, едно момче ја прегледува историјата на нарачки во Walmart од 2022 година. Тогаш за своите вообичаени намирници платил нешто повеќе од 120 долари. Во 2024 година истата таа кошничка чини 400 долари. Нема ништо дополнително, ништо луксузно—само четири пати повисока цена.
Верувам и вие сте забележале дека сѐ е поскапено, исто како и момчето од видеото. Без разлика дали купуваме намирници, плаќаме сметки или пак полниме гориво, не може да ги избегнеме поскапувањата. Накратко, тоа е инфлацијата во акција: кога цените растат со текот на времето, нашите пари ја губат својата куповна моќ.
Но, не треба да се плашиме од инфлацијата, напротив, треба да разбереме дека инфлацијата е составен дел од секоја економија, но кога ќе излезе од контрола, може да го наруши нашиот стандард на живот.
Ајде да погледнеме кои се причините за инфлацијата, дали централните банки ‘пуштајќи’ пари во оптек ја подгреваат инфлацијата и каква е ситуацијата во Македонија.
Видео линк за контекст: Погледнете овде
Инфлација 101
Ако отворите кој било учебник по Економија, ќе видите дека инфлацијата е водена од две сили: понуда и побарувачка.
Побарувачка (Demand-pull inflation)
Овој тип инфлација се јавува кога побарувачката за производи и услуги расте побрзо од нивното производство.
Замислете дека е Black Friday – продавниците нудат огромни попусти, а илјадници луѓе чекаат во ред да купат телевизори, лаптопи и друга техничка опрема. Но, има ограничена количина производи на залиха. Продавниците сфаќаат дека можат да ги зголемат цените, а купувачите сè уште ќе ги купуваат производите.
Нешто слично се случи за време на пандемијата од COVID-19. Владите исплатија финансиска помош на домаќинствата, што ја зголеми побарувачката за стоки. Но, во исто време, синџирите на снабдување беа нарушени, фабриките работеа со намален капацитет, а транспортот беше ограничен. Резултатот? Цените почнаа да растат.
Понуда (Cost-push inflation)
Овој тип инфлација се јавува кога трошоците за производство растат, а компаниите ги префрлаат тие зголемени трошоци врз потрошувачите.
Пример: Војната во Украина предизвика скок на глобалните цени на енергијата. Бидејќи енергијата е клучен ресурс за производство и транспорт, зголемувањето на цената на нафтата и гасот доведе до поскапување на храната, струјата и горивата.
Митот за „печатење премногу пари“
Во времето кога инфлацијата почна да го достигнува својот врв, еден обичен „мит“ почна да кружи низ медиумите – „Инфлацијата се случува затоа што владите печатат премногу пари“. Иако тоа е делумно точно во екстремни случаи, за повеќето модерни економии, не е толку едноставно.
Ајде да погледнеме од каде доаѓаат парите во економијата
Кога централните банки „печатат пари“, тие всушност не ги делат директно на јавноста. Наместо тоа, тие ја зголемуваат ликвидноста во банкарскиот систем, што значи дека банките имаат повеќе резерви и можат полесно да одобруваат кредити.
Но, ако луѓето и бизнисите не ги позајмуваат тие пари, тие остануваат во банкарскиот систем и не создаваат инфлација. Ова може да ја стимулира економијата, но не води автоматски до инфлација. Дури и ако ги позајмат, инфлацијата зависи од други фактори како што се производството, понудата на добра и услугите во економијата.
Сега кога ги разбираме основните механизми на инфлација (понуда и побарувачка), да ги погледнеме неодамнешните случувања со инфлацијата во светот и во Македонија.
Глобалните случувања и локалната цена
Графикон 1 ги прикажува просечните стапки на инфлација ширум светот во 2024 година. Од мапата евидентно е дека најголем дел од земјите се движат во опсегот од 4,5% до 6% (црвено), со исклучок на одредени региони каде инфлацијата останува над ова ниво.
Овој пад во голема мера може да се припише на три клучни фактори:
- Постепено решавање на потешкотиите во синџирите на снабдување,
- Затегнување на монетарната политика од страна на централните банки и
- Стабилизирање на пазарите за енергија по првичните шокови предизвикани од војната во Украина.
Графикон 1. Просечни стапки на инфлација низ светот во 2024 година
Извор: World Economic Outlook, 2025 година
Можете да ја видите интерактивната верзија на оваа табела овде
На прв поглед, ова изгледа како добра вест. Инфлацијата се смирува од претходно високите нивоа во 2022 и 2023. Но, дали тоа значи дека цените се вратија на нивоата пред 2020? Не баш. Пониската стапка на инфлација не значи дека цените паднале, тоа само значи дека тие растат со побавно темпо.
Добро, а ефектите врз една мала увозно-ориентирана земја како Македонија?
Одговорот лежи во увезената инфлација— кога растечките глобални цени се прелеваат врз локалните пазари. За контекст, на Графикон 2 е претставен вкупниот раст на цените од 2020 до 2024 година кој е претставен на врвот од графиконот со 31%, при што порастот на цените на храната и безалкохолните пијалаци е 41%, порастот на цените на домување и комунални услуги 30%, а порастот на цените на рестораните неверојатни 46%.
Графикон 2. Вкупна кумулативна инфлација 2020-2024 година, по категории
Извор: Државен завод за статистика
Но прашањето кое си го поставувам и кое ја поттикна оваа објава е: Дали оваа инфлација подеднакво ги погоди сите домаќинства?
Статистиката ни покажува дека ефектот не е ист за сите, а клучот лежи во тоа како домаќинствата од различни доходни групи ги распределуваат своите трошоци. На пример, домаќинствата со пониски приходи алоцираат многу поголем дел од својот буџет на неопходни трошоци - особено на храната - додека побогатите домаќинства имаат поголема флексибилност во нивните трошења.
Како што е прикажано на Графикон 3, најсиромашните 10% од домаќинствата трошат 65,7% од вкупниот буџет на храна, додека најбогатите 10% издвојуваат само 19,7%, речиси три пати помалку. Оваа структурна разлика значи дека кога цените на храната се зголемуваат, домаќинствата со пониски приходи го чувствуваат влијанието многу поакутно од побогатите домаќинства.
Графикон 3 Трошоци за храна меѓу најсиромашните 10% и најбогатите 10% од домаќинствата
За да го измерам овој диспаритет користам формула преку која со пондерирање на стапките на инфлација според моделите на трошење на секоја група калкулирам "лична стапка на инфлација".
Инфлација за децил = Просечна инфлација по категорија * wi/pi, каде
- wi е уделот на трошоците за категоријата (на пр. храна) за дадената децила
- pi е просечната потрошувачка од таа категорија (на пр. храна)
Применувајќи го овој метод, забележуваме значителна разлика:
За најбогатите 10%, ефективната вкупна инфлација на храната била само 23%
За најсиромашните 10%, инфлацијата на храната се искачила на 76% - повеќе од три пати повисоко
Графикон 4. Инфлација на храната по децили
Иако бројките за вкупната инфлација може да сугерираат општ тренд, сепак пресметката покажува дека секое домаќинство различно ја доживува инфлацијата. Најсиромашните домаќинства, чиишто буџети често се протегаат за покривање на основните работи, имаат тенденција да ги апсорбираат најтешките шокови. Во меѓувреме, побогатите домаќинства, со поголем дел од нивните трошоци насочени кон дискрециони ставки (како што се рекреација, облека и луксузни стоки, каде што инфлацијата е генерално пониска), доживуваат многу поблаго влијание.
Добро, сега во контекст на тековната дискусија, да се запрашаме: ако инфлацијата несразмерно влијае на домаќинствата со пониски приходи, каква улога имаат пазарните структури и механизми за одредување на цените и дали го влошуваат проблемот?
Трговски маржи и замрзнување на цените
Додека понудата и побарувачката остануваат примарни двигатели на инфлацијата, од неодамна во јавноста расте загриженоста за трговските маржи. Неодамнешните дискусии за трговските маржи привлекоа внимание поради потенцијалните ценовни аранжмани - во голема мера забранети - меѓу големите трговски синџири. Во медиумите се дискутира за олигополски практики, дали и како таквите аранжмани придонесуваат за инфлациските притисоци, со нарушување на конкуренцијата и одржување вештачки високи цени. Иако официјалните податоци за трговските маржи во Македонија засега се недостапни, предлагаме неколку теоретски аспекти.
Ефектот на замрзнување на цените на маржите
Замрзнувањето на цените наметнато од владата, како тоа што се спроведува во Македонија, може да обезбеди краткорочно олеснување и да ги спречи бизнисите веднаш да ги префрлат повисоките трошоци на потрошувачите. Оваа привремена мерка помага во забавување на инфлаторните притисоци, бидејќи бизнисите апсорбираат дел од товарот на трошоците. Сепак, продолжената интервенција во механизмите за одредување на цените може да доведе до несакани последици, како што се создавање на вештачки недостиг на снабдување или „синтетички“ дефицити. Ако бизнисите предвидуваат продолжени ограничувања, тие може да го приспособат производството или дистрибуцијата на начини кои ги нарушуваат синџирите на снабдување. Затоа, контролата на цените треба да се надополни со структурни реформи кои ја поттикнуваат конкуренцијата на пазарот и ја подобруваат еластичноста на синџирот на снабдување.
Инфлаторни очекувања и пазарна динамика
Инфлацијата не е само поттикната од непосредното поставување на цените, туку е обликувана и од очекувањата на потрошувачите и бизнисите. Ако луѓето очекуваат континуирани зголемувања на цените, нивното однесување може да ги зајакне инфлаторните циклуси:
- Работниците може да бараат повисоки плати за да ја задржат куповната моќ, како што забележуваме дека се случува во Македонија
- Бизнисите може превентивно да ги зголемат цените во очекување на идни зголемувања на трошоците, како што забележуваме дека се случува во Македонија
- Потрошувачите може да ги зголемат трошоците за да се „оградат“ од идните зголемувања на цените што ја поттикнува побарувачката и ги зголемува цените, како што забележавме дека се случуваше во Македонија за време на пандемијата.
Долгорочни структурни резолуции
Во Македонија, одредени пазарни сектори функционираат под олигополски структури, каде неколку доминантни фирми влијаат на цените преку координација или премолчени договори. Последните случувања го потврдуваат овој проблем – само оваа недела, Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) покрена прекршочна постапка против некои пазарни играчи за наводно договарање на цените. Во вакви случаи, замрзнувањето на цените не е долгорочно решение, туку само привремена мерка за ублажување на инфлациските притисоци. Како што истрагата на КЗК се развива, се поставуваат клучни прашања за ефикасноста на регулаторниот надзор и дали постојните политики се доволни за да спречат пазарни манипулации. Вистинскиот предизвик е спроведувањето на пошироки структурни реформи, како што се зголемување на продуктивноста, поттикнување конкуренција и зајакнување на регулаторните механизми, со цел да се спречат идни нарушувања на пазарот.
Неодамнешните мерки за замрзнување на цените на македонската влада анализирани овде.
Визуелизација на податоци за оваа објава
Собрав интересна визуелизација на податоци за ова издание
Удел од продажбата на електрични автомобили 2010-2023 година
Што читав во последно време?
Еве неколку интересни написи што ги прочитав неодамна:
- Зошто поконкурентна економија е важна за монетарната политика
- Трамп 2.0 Започнува трговската војна
- Мерката за ограничување на маржата под лупа на експертската јавност
Методологија
Предложена методологија: Синтетички методи на контрола
Ова е објава број 002. Сите прашања или предлози поврзани со пресметките или содржината на овој блог може да се достават до theecondigest@gmail.com.
Автор: Стефан Таневски
The Econ Digest