Дали се сеќавате на трилогијата Враќање во иднината? Во вториот дел, антагонистот Биф Танен наоѓа спортски билтен со резултатите од сите големи спортски настани за наредните неколку децении. Тој патува назад во времето, го дава билтенот на себеси и почнува да прави совршено темпирани облози заработувајќи огромно богатство. Резултатот? Кога протагонистот Марти МекФлај се враќа во сегашноста, светот е целосно променет – мрачен, хаотичен, и подреден на алчноста и манипулациите од Биф.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги врати царините во јавниот дискурс, а најверојатно ќе ги врати и во игра, најпрво кон Кина, Канада и Мексико.
Една наизглед едноставна одлука – како зголемување на трговските царини – може да предизвика огромни реперкусии низ глобалната економија: може да влијае на работните места, цените, па дури и на цели индустрии, и тоа на начини што често не можеме да ги предвидиме во целост.
Читајќи на темава низ глава ми се врти прашањето – Ако повторно се „поиграме“ со трговските политики, во каква економска реалност ќе се разбудиме? Ќе биде ли тоа нешто што ќе наликува на дистопијата што ја доживеа Марти МекФлај?
Трговски царини 101
Замислете дека возите од Скопје до Солун. За да стигнете најбрзо, решавате да користите автопат. Но, на секоја наплатна рампа мора да платите патарина. Тоа ја зголемува цената на вашето патување.
Сега споредете го тоа со трговските царини:
Царините се „патарини“ за добрата и услугите. Ако вие, како производител, сакате да извезете нешто во САД, таа „патарина“ е царината што мора да ја платите за вашите производи да стигнат до таму.
Како влијае ова? Трошокот за таа „патарина“ обично го вградувате во цената на производот. Па, ако вашиот производ чини 100 долари, а царината е 10%, тој сега чини 110 долари за купувачите во Америка. Со други зборови, станува поскап и помалку атрактивен за нив, секако под претпоставката ceteris paribus, односно сите други услови да останат исти.
На истиот начин, како што патарините го зголемуваат трошокот на вашето патување, царините го зголемуваат трошокот на меѓународната трговија. Исто како што некои возачи ќе одлучат да избегнат автопат поради високите патарини, така и купувачите во странство ќе почнат да бараат поевтини алтернативи наместо вашите производи.
И не е само тоа. Кога трошоците ќе пораснат, компаниите обично мораат да ги намалат платите, па дури и да отпуштаат вработени во краен случај. Но дури и да не тргувате директно со САД, ефектот од вакви одлуки брзо се шири насекаде низ економијата.
Трговските војни на Трамп: Втор дел
Уште за време на својот прв мандат, Трамп започна со воведување царини кон Кина, и тоа направи хаос во глобалните синџири на снабдување. Увозот во САД во засегнатите сектори се намали за 25-30%. Компаниите беа принудени да трошат големи суми за да ги реорганизираат своите синџири на снабдување или да ги реалоцираат своите фабрики. А последиците врз граѓаните во Америка? Повисоки цени. Потрошувачите и фирмите плаќаа дополнителни 3 милијарди долари месечно за даноци.
Сега, додека се спрема за враќање во овалната соба, тој го спомнува истото сценарио, ама овојпат не гледа само кон Кина, туку и кон Европа и европската автомобилска индустрија.
Неодамна во една негова кампања, Трамп го кажа следново:
„Тие не ни ги купуваат автомобилите и земјоделските производи – тие не земаат ништо“.
Да ви дадам малку контекст околу поврзаноста меѓу САД и Европа и автомобилската индустрија. Само во 2023 година, Европа извезла возила во вредност од 42,5 милијарди долари во САД, додека увезла автомобили во вредност од само 7,8 милијарди американски долари, или 6 пати помалку. Е, сега, ако Трамп го таргетира европскиот извоз на автомобили, последиците нема да останат само во Германија или Франција.
Добро, но како се овие работи поврзани со Македонија?
Еве вака: ние сме мала земја со отворена економија. Тоа значи дека тргуваме – извезуваме и увезуваме (Графикон 1) – со цел свет, ама најмногу со земји како Германија (18%), Белгија (25%), Унгарија (20%), кога станува збор за извоз на производи од автомобилската индустрија според номенклатурата на хармонизираниот систем. Тие ни се главните трговски партнери во оваа бранша. И секогаш кога кај нив ќе се случи нешто – било да е политичка одлука, било ценовна политика – тоа може директно да влијае врз нас.
Графикон 1. Вкупен Увоз и Извоз 2004-2023
Извор: Државен завод за Статистика, 2024
Сега, замислете, на пример, дека Германците прават помалку автомобили бидејќи Трамп решил да постави 10% трговски царини на автомобилите од Германија и побарувачката за нив oпаднала. Што ќе се случи? Нивните фабрики ќе имаат помала потреба од деловите што ги правиме ние. А тоа значи помалку работа за нашите компании, помалку приходи, а со тоа и помала потреба од работници и/или помали плати.
Така што, да, дури и ако не ги следиме вестите за трговските политики во Вашингтон, тие на крајот на денот можат директно да влијаат врз нас.
Малку повеќе детали за автомобилската индустрија во Македонија
Интересно е што оваа „извозна кошничка“ (Графикон 2) се менува со текот на времето. Ќе забележете дека светло сината и виолетовата компонента се зголемуваат низ годините од почетокот на 2010-тите, додека текстилните производи опаѓаат. Ова е резултат на приливот на странски директни инвестиции во ТИРЗ-овите, нови пазарни трендови и технолошки промени. На пример, автомобилскиот сектор доживеа инвестициски бум и значително го трансформира нашиот извоз во последната деценија.
Само помеѓу јануари и декември 2023 година, Северна Македонија извезла стоки во вредност од 8,3 милијарди евра, а 14% од нив е извоз од автомобилското производство. Нашите фабрики снабдуваат делови за големите европски производители на автомобили. Ако царините ја нарушат економијата на Европа, нашите фабрики ќе го почувствуваат притисокот веднаш.
Графикон 2. Извозна кошничка
Извор: Државен завод за статистика, 2024
Што точно ова значи за извозот на автомобилската индустрија од земјава?
Подолу ви симулирам две сценарија, врз основа на она што Трамп го најави:
1. Зголемување на царините за 10% на европскиот извоз на автомобили
Ако начинот на кој обемот на извозот реагира на порастот на цената на извозниот производ (ценовната еластичност) е -0,8, а извозот за 2023 е 1.105.884 илјади евра, зголемувањето на царините за 10% би значело дека извозот ќе падне за 8%.
Новиот извоз: 1.02 милијарди евра.
2. Зголемување на царините за 20% на европскиот извоз на автомобили
Со истата ценовна еластичност од -0,8, ако царините се зголемат за 20%, извозот ќе падне за 16%.
Новиот извоз: 928.9 милиони евра.
Значи, со 10% повисоки царини, извозот ќе се врати на ниво какво што било во 2022, а ако се зголемат на 20%, извозот може да падне на ниво како во 2021. Во двете сценарија, македонскиот извоз добива удар. Намалената побарувачка од европските пазари може да доведе до благо забавување на автомобилскиот сектор во земјава.
Графикон 3. Сценарио анализа, промена на извозот на автомобилската индустрија врз база на тарифниот модел
Извор: Авторска пресметка
Напомена: Во оваа пресметка претпоставувам дека царините би се прелеале во целот и врз нашето производство, и оттука ги користам вредностите за 10% и 20%. Додека, коефициентот на ценовна еластичност кој покажува за колку ќе се промени побарувачката ако се зголемат цените го применувам согласно препораките во достапната литературa (Kee et al., 2008 и Ghodsi et al., 2016).
Податоците се однесуваат на извозот на моторни возила согласно шифра “29 Моторни возила, приколки и полуприколки” од Класификацијата на на производите по дејности (КПД).
Зошто е сето ова важно?
Трговските војни иако навидум звучат апстрактно, може да имаат реални, опипливи последици. За мала економија во која извозот на автомобили од година во година расте, промените во глобалната политика може да имаат директно влијание врз работните места, приходите и растот.
За жал ние немаме волшебенDeLorean како Марти МекФлај да патуваме назад и да ги поправиме работите. Затоа е важно да сме информирани и да се подготвиме за иднината.
_____________________________________________________________________________
Податочна визуелизација
Издвоив една интересна податочна визуелизација за ова издание
_____________________________________________________________________________
Што читав изминатиов период?
Еве неколку интересни статии што ги читав изминатиов период:
- Невидливите но секојдневни предизвици на неактивните жените на пазарот на трудот
- Влијанието на политиките за работа од дома врз пазарот за домување
- Ребалансирање на инвестициско портфолио
_____________________________________________________________________________
Методологија
Предлог методолoгија: Рандомизираните контролирани испитувања (RCTs)
_____________________________________________________________________________
Ова е објава број 001. Било какви прашања или предлози поврзани со пресметките или содржината на овој блог може да доставите на theecondigest@gmail.com.
The Econ Digest